AstraZeneca дополнително ја намалува испораката на вакцини во ЕУ во првиот квартал

20

Фармацевтската компанија AstraZeneca ја намали прогнозата за испорака на вакцини за Европската Унија во првиот квартал на околу 30 милиони дози.

Тоа е третина од договорните обврски и пад од 25% во споредба со ветувањата дадени минатиот месец.

Овој недостаток ќе биде дополнителен удар врз европскиот план за вакцинација, којшто веќе е попречен од одложувањата во испораката на вакцините и бавното воведување на вакцинацијата во некои земји членки.

Документ споделен со официјални претставници на ЕУ, со датум од 10 март, до кој Ројтерс имал пристап, покажува дека компаниите сега очекуваат испорака на 30,1 милиони дози до крајот на март и нови 20 милиони во април.

Шефот на AstraZeneca, Паскал Сорио, пред Европскиот парламент на 25 февруари рече дека компанијата ќе се обиде да испорача 40 милиони дози до крајот на март.

Документот покажува дека британско-шведската компанија веќе на 24 февруари ја проценила испораката на вакцини во ЕУ на само 34 милиони дози за периодот од јануари до март, далеку под договорената цел од 90 милиони дози.

Портпаролот на AstraZeneca одби да ги коментира обвинувањата на Ројтерс.

Едно лице запознаено со ситуацијата рекло дека подобрувањето што компанијата го очекуваше во првиот квартал не се оствари поради тешкотиите при движење на вакцините во глобалниот синџир на снабдување.

Фото: Facebook