Audi А3 – Светски автомобил на годината за 2014

52

audi

Audi А3, премиум компактниот бестселер од брендот со четири прстени, е Светски автомобил на годината за 2014. Ова е втора севкупна победа за Audi во десет годишната историја на овие награди. Моделот Audi А6 ја освои титулата во 2005 година.
Третата генерација Audi A3 сега и официјално е светски шампион. Во натпревар со други 23 автомобили, Audi A3 успеа да ја освои престижната награда Светски автомобил на годината за 2014. А3 беше прогласен за победник од страна на меѓународното жири составено од 69 врвни автомобилски новинари од 22 земји од целиот свет.

„Audi А6 е првиот добитник на оваа награда, а ние сме многу задоволни бидејќи Audi А3 го повтори успехот на А6 и ја освои наградата Светски автомобил на годината за 2014. Audi А3 ја покажа својата техничка компетентност од сите аспекти: квалитет, лесна технологија, возни својства, информативно забавен систем, поврзување и напредни системи за помош на возачот. Оваа награда е големо достигнување за целата компанија”, изјави Руперт Штадлер, претседател на управниот одбор на AUDI AG.

Новиот Audi A3 е достапен во повеќе варијанти: како автомобил со 3 врати, како автомобил со 5 врати познат под името А3 Sportback, А3 Cabriolet и А3 Лимузина. Возилото го движат бензински TFSI и дизелски TDI мотори. А3 Sportback, исто така, може да се нарача како g-tron, кој користи e – гас создаден од страна на Audi.

Кон крајот на оваа година, А3 Sportback, исто така ќе биде достапен и како е-tron со plug-in хибриден систем кој може да помине 50 километри со електричен погон.

Да се потсетиме на 16 годишната успешна приказна на Audi поврзана со моделот А3. Во 1996 година, беше произведена првата генерација од моделот, со што за прв пат на пазарот се појави нов сегмент – премиум компактна класа. Втората генерација започна да се произведува во 2003, а Audi го прошири А3 семејството со Кабриолет изведба која што беше дополнување на A3 и на A3 Sportback. Третата генерација А3, со новата А3 лимузина, веќе е достапна во 4 варијанти.

Со последната победа на A3, Audi ја задржа својата позиција како производител со најмногу титули од наградите „Светски автомобил на годината“. Брендот со четири прстени претходно има освоено три титули Светски Перформанси на годината, две титули Светски Дизајн на годината и две титули Светски Автомобил на Година. Севкупно Audi досега има освоено седум титули од наградите Светски автомобил на годината:

2005 Audi А6 Светски автомобил на годината
2007 Audi RS4 Светски перформанси на годината

2007 Audi TT Светски дизајн на годината
2008 Audi R8 Светски перформанси на годината

2008 Audi R8 Светски дизајн на годината
2010 Audi R8 V10 Светски перформанси на годината
2014 Audi А3 Светски автомобил на годината