Авиолинија Сараево-Скопје е економски неисплатлива

125

Воспоставувањето директна авиолинија меѓу Сараево и Скопје е економски неисплатливо, но се бараат начини да се субвенционира, изјави денеска во Сараево министерот за надворешни работи на С. Македонија, Бујар Османи, кој е во официјална посета на БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој на заедничката прес-конференција со министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ, рече дека С. Македонија и БиХ традиционално имаат блиски односи, но дека политичките лидери имаат обврска да ги зајакнат односите преку проширување на соработката на билатерално и на регионално ниво.

Тој се осврна и на прашањето за формирање директна авиолинија Сараево-Скопје, при што истакна дека овој долгонајавуван проект е одложен поради економска неисплатливост.

„Денеска разговаравме со министерката Турковиќ за тоа како две земји можат да субвенционираат една таква линија. Мора да се најде начин да се субвенционира оваа форма на комуникација и покрај тоа што економски не се исплати, во рамките на регионалната иницијатива, со поддршка на ЕУ“, рече Османи.

Османи денеска во Сараево изјави дека безбедноста, стабилноста и просперитетот на БиХ се во директен интерес на сите земји од регионот на Западен Балкан.