Авиолинијата Скопје-Софија ќе опстои, тврдат надлежните

68

По повеќе од месец од стартот на комерцијалните летови на релацијата Софија-Скопје вчера се отвори прашањето за нејзиното натамошно опстојување откако дел од медиумите објавија дека  Gullivair, авиокомпанијата која го опслужува летот, нема да продава билети по 21-ви месецов, но авиопревозникот, како и бугарскиот министер за транспорт Николај Сабев тврдат дека авиолинијата ќе опстои.

-Летовите помеѓу Скопје и Софија ќе останат и по 15 мај. Остануваат и летовите меѓу Софија и Тирана, во моментов операторот на летот е пред промена, рече вчера Сабев во изјава за МИА.

Од  Gullivair, пак, соопштија дека во моментов не планираат да ги прекинат летовите на релацијата.

-За да се подобри удобноста на патниците, авиокомпанијата бара опции за да обезбеди поудобни часови на летовите. Се надеваме дека по завршувањето на поправката на пистата на скопскиот аеродром ќе добиеме подобри времиња на летови, велат од авиокомпанијата.

Оттаму информираа дека го раскинуваат договорот со актуелниот закуподавач на авионот кој работи моментно и оти треба да изнајмат нов авион од истиот модел, ATR 72. Сите тие чекори се преземаат и со оглед на постигнување предвидливост за клиентите на авиокомпанијата во согласност со моменталната состојба во регионот и се во голема мера погодени од војната во Украина, посочија од авиокомпанијата.

И од ТАВ Македонија, концесионерот на аеродромите во државава, вчера информираа дека немаат добиени никакви информации од страна на авиокомпанијата за прекини во најавениот распоред на летање.

За авиолинијата која ги поврзува двата главни града за само 30 минути и што сообраќа двапати неделно беше изразено уверување дека има огромен потенцијал и оти ќе биде користена за туристички и за деловни патувања.

Фото: Pixabay