Српската авиокомпанија „Ер Србија“ ги презеде местата на рускиот „Аерофлот“ и моментално оперира 15 летови неделно до Москва, но поради притисокот што доаѓа од Европа во последните денови, ќе се врати на „фабричките поставки“, пишува српскиот весник „Политика“.
Тоа значи дека „Ер Србија“ ќе патува за Москва осум пати неделно, а можеби и два пати во Санкт Петербург во форма на чартер лет, како пред украинската криза.
Во еден момент вчера, рано наутро, на сајтот на „Ер Србија“ се појавија билети за оваа недела по цена од околу 140.000 динари (1.216 евра), во еден правец, но се распродадени за неколку минути. Луѓето на кои не им се брза, може да купат карта за средината на април од 27.000 до 42.000 динари.
Санкциите наметнати од европските земји за руските авиокомпании, т.е. забраната на руските авиони да го користат воздушниот простор на ЕУ поради инвазијата на Украина и контрасанкциите наметнати од Русија врз компаниите од тие земји, ненамерно ја направи Србија единствената земја чија авиокомпанија може слободно да оперира до Русија, пишува „Политика“. Затоа, единствениот европски воздушен коридор оставен отворен за Русија е преку „Ер Србија“, кој сега делува како портал.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за неколку дена „Ер Србија“ повторно ќе има само еден лет дневно за Москва, бидејќи Србија е обвинета дека ги удвоила летовите на Белград до Москва за да заработува на грбот на „украинската крв“.
На 11 и 14 март летовите на „Ер Србија“ за Москва беа принудени да се вратат во Белград поради анонимни закани за бомби.