По повод 25 годишнината од отворањето на новиот Парламент, во Австралија се искова првата монета во форма на триаголник. Кралската австралиска ковачница направи сребрена паричка во вредност од 5 долари, како и специјална монета од 20 центи, кои денес беа официјално претставени во Парламентот.
Триаголната монета од 5 долари е составена од 99,9% сребро и го прикажува австралискиот Парламент од одреден агол. Исковани се само 10.000 вакви монети.
Паричката од 20 центи е направена од капро никел. На неа е прикажан австралискиот Парламент заедно со стариот парламент во позадина.
“Австралискиот Парламент беше признаен како големо интернационално архитектонско достигнување, на денот кога беше отворен од страна на кралицата Елизабета II пред точно 25 години”, изјави Хон Берни Рипол, член на Парламентот.
Новиот парламент беше отворен на 9 мај 1988 година во Канбера, од страна на кралицата Елизабета II. Зградата е дизајн на архитектот Ромалдо Гваргола и е изградена скоро целосно од австралиски материјали.