Фабриката Mirabell-Werk во Гродиг, во близина на Салцбург, каде што се произведуваше познатиот „Echte Salzburger Mozartkugel“ повеќе од еден век, се затвора.
Последната топка, од 17,1 грама чоколадо со мешавина од јадро од марципан, ф’стаци и нугат, е произведена на 5 декември, со што се означува крајот на една ера, пренесе Кликс ба.
Корпорацијата Mondelez, сопственик на сите права на овој симбол на австриската традиција, одлучи да го прекине производството во Австрија. Планот е производството да се пресели во Полска или Чешка, но деталите остануваат нејасни. Одлуката предизвика незадоволство, како кај вработените, така и кај локалната заедница.
„Тоа беше постепен крај“, вели Катарина Линднер, менаџер за квалитет, која работи во фабриката речиси десет години. Бројот на вработени е намален од 160 на само 40, а останатите до крајот на годинава ќе си заминат од работа.
Салцбург Шоколаде, компанијата која досега правеше топки од Моцарт за Монделес, не се опорави по банкротот во 2021 година. Како причини се наведуваат поскапувањата на суровините, енергијата и транспортот.
Зградата на фабриката, поради одбивањето да се пренамени во станбена зона, најверојатно уште долго ќе остане празна, додека опремата ќе се продава или демонтира. Ова го означува крајот на 127-годишната традиција, а Салцбург губи еден од своите најпознати гастрономски симболи.
Фото: Pixabay