Австрија сака да ја намали зависноста од американскиот течен природен гас со увоз од Африка

Австрија се стреми да го прошири производството на енергија од обновливи извори и да увезува повеќе гас од Африка за да избегне прекумерна зависност од американскиот течен природен гас (LNG) во контекст на промените во снабдувањето со енергија на ЕУ, изјави државната секретарка за енергетика Елизабет Зехетнер.

Европската унија ќе го запре увозот на руски течен природен гас (LNG) до крајот на 2026 година, а увозот на гас преку гасоводи до 30 септември 2027 година, со санкции против Москва поради војната во Украина. Европските земји сега купуваат гас главно од Норвешка и САД, по повисоки цени.

Многу влади стравуваат дека зависноста од рускиот гас ќе биде заменета со зависност од американскиот LNG, и тоа во услови на зголемени трговски тензии и политички промени за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп.

Зехетнер е меѓу министрите од 38 земји на ОЕЦД собрани на состанокот на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) во Париз за да разговараат за енергетската безбедност.

– САД се непредвидливи денес, па затоа ние во Австрија навистина внимаваме да набавуваме LNG од неколку извори. Не сме увезувале руски гас од почетокот на минатата година, но сега се соочуваме со истиот проблем со течниот природен гас . И ако повеќе од 40 проценти од европскиот увоз на течен природен гас доаѓа од САД, мора да се запрашаме дали не сме ја замениле едната зависност со друга, изјави австриската државна секретарка за енергетика Елизабет Зехетнер.

Министерот за енергетика на САД, Крис Рајт, во вторник го критикуваше фокусот на IEA на обновливите извори на енергија и климатската политика, повикувајќи ја Европа да купува повеќе американски течен природен гас по, како што рече, ниски цени.