Австрија воведува дополнителен данок на добивката на енергетските компании

14

Австриските нафтени и гасни компании ќе треба да плаќаат данок до 40 отсто на дополнителните профити што ги оствариле за време на војната во Украина.

Владата во Виена најави воведување специјален данок за оваа и следната година, кој веќе е планиран во слична форма и во другите земји од ЕУ, пренесува SEEbiz.

„Вонредните времиња бараат вонредни мерки“, изјавија вицеканцеларот Вернер Коглер и министерот за финансии Магнус Брунер.

Скокот на цените на природниот гас и електричната енергија од почетокот на војната во Украина ги полни касите на некои компании, а ги празни други, до степен што повеќе не е прифатлив, рече Коглер.

За пресметување на планираниот „придонес во енергетската криза“ ќе се земе предвид висината на просечната годишна добивка во периодот од 2018 година зголемена за 20 отсто.

Сè што ќе заработат нафтените и гасните компании над тоа ќе се оданочува со 40 проценти.

За компаниите кои инвестираат во обновливи извори на енергија, даночната стапка ќе се намали на 33 проценти.

Дополнително, државата ќе собира приходи од австриските производители на електрична енергија над одреден праг.