
Канцеларот Фридрих Мерц свика самит на автомобилската индустрија за следната недела, а агендата е да се помогне на секторот во криза.
Канцеларот ги покани претставниците на водечките производители на автомобили, добавувачи и синдикати на состанок во неговото седиште, објави владиниот портпарол Штефен Мајер, пренесува ДПА.
Вицеканцеларот Ларс Клингбеил, други министри и покраински лидери, исто така, ќе учествуваат.
„Ни е јасно дека е напнато во многу области“, рече Мајер.
Учесниците на двочасовниот состанок ќе се фокусираат на заеднички решенија што треба да ја позиционираат автомобилската индустрија во контекст на новата технологија.
Целта е да се зајакне конкурентноста, да се одржат работните места и да се исполнат климатските цели. Темата ќе биде и планираното укинување на моторите на фосилни горива во Европската Унија до 2035 година.
Преглед на владината политика во овој контекст е планиран подоцна оваа година, а коалицијата на христијанските демократи на Мерц и социјалдемократите на Клингбеил сè уште преговара за заедничка платформа.
„Не мора нужно да биде пред состанокот следната недела, но секако треба да биде во периодот по него“, рече портпаролот.
Германската автомобилска индустрија се бори со продажбата, кинеската конкуренција и транзицијата кон електрични возила. Водечките компании почнаа да ги намалуваат трошоците и да отпуштаат работни места.











