Автономни возила: дали е ова иднината на општеството?

102
Concept 26

Кога се зборува за иднината на возењето, можеби повеќето од нас ја замислуваат автомобилската индустрија во голем дел електрична, но дел и автономна. Сепак, експертите велат дека оваа констатација за брзо време ќе стане реалност.

Прашањето е дали општеството е подготвено за оваа технологија на иднината. На прв поглед многу добро звучи: автомобил којшто самостојно управува сам со себе и го вози патникот до саканата дестинација. Таквите автомобили немаат ниту волан ниту возач кој ќе ја сноси одговорноста. Долгите застои во сообраќајот ќе бидат минато, затоа што секој автомобил ќе има интелигентен систем на управување. Бројот на сообраќајни несреќи може да се сведе на минимум. Но, оваа технологија со себе носи бројни прашања, како кој ќе ја плаќа штетата во случај на сообраќајна несреќа.

Автономни возила во Германија од 2019-та

И во германската автоиндустрија станаа доста внимателни. Сепак, темата останува мегатренд, како што тоа го формулираше Марко Густке од Сојузот на германската автомобилска индустрија (VDA).

“Ние секако ги гледаме и безбедносните аспекти во сообраќајот. Ако внимателно се спакува во привлечен дизајн и функционалност со зголемен комфор, овие автомобили полесно ќе се пласираат на пазарот“, изјави тој.

Смета дека првите функции на оваа технологија ќе бидат на располагање веќе следната година, најпрво на автопатите.

“Потребни ни се водечки линии во добра состојба така што возилото полесно ќе се ориентира и позиционира. Во случај на застој управувањето го презема компјутер и го вози со брзина до 60 километри на час. После тоа би следел друг помошен програм така што од 2020-та автомобилите на автопат би можеле автономно да возат. Но, сѐ уште ќе бидеме далеку од автономно возење без возач во градовите“, додава тој.

Во САД сè уште се експериментира

Во Соединетите Американски Држави веќе со години експериментираат со автономните возила. Тамошната установа за безбедност во сообраќајот HNTSA има намера наскоро да дозволи автономно возење на некои автомобили. Оваа технологија некое време го тестира Google на помалите автомобили на Chrysler на ограничена површина. Компанијата Tesla на Илон Маск развива автономни возила веќе некое време и фактот што може да се видат на улиците на Калифорнија покажува дека ова веќе не е идеја, туку реалност. Автономните возила ќе ни понудат избор дали ќе возиме или ќе уживаме во возењето како патници, додека автомобилот управува сам.

Слаб човечки надзор

Во автомобил којшто вози доста автоматизирано задачите не се јасно дефинирани. Знае ли човекот што прави возилото и што тој самиот треба да прави? Ризичен е посебно моментот кога одговорноста треба да премине од автомобилот на возачот. Од спроведените тестови заклучено е дека дури и искусните возачи имале проблем во критични ситуации. Ова ги загрижува и осигурителните друштва кои интензивно ги анализираат ризиците  од автономното возење.

“До потполна контрола над ситуацијата, а тоа значи и до оптимална реакција, може да дојде и по 15 секунди. Тоа е многу време“, предупредува Волфганг Веилер, претседател на Сојузот на германските осигурители.

Одговорност на машината или на човекот?

Ова е ризик којшто осигурителите го сметаат за неподнослив. Затоа бараат јасна поделба на задачите помеѓу возачот и автономното возило. Во сообраќај ќе смеат само возилата коишто се апсолутно безбедни и кои во критична ситуација безбедно ќе запрат, па дури и без интервенција од страна на возачот. Пред воведување на такви системи мора да бидат утврдени задолжителни стандарди, сметаат осигурителните друштва. Ако со возилото управува машина, човекот повеќе не смее да биде одговорен.