Германското тело за надзор на автомобили даде „зелено светло“ на полуавтономниот систем за возење на Mercedes-Benz, отворајќи го патот за оваа компанија да започне да го нуди својот систем Drive Pilot на глобално ниво.
Високо автоматизираниот систем му овозможува на возачот да се фокусира на други активности бидејќи автомобилот е опремен со технологија за автономно движење во густ сообраќај или на пренатрупани автопати, објави денеска Mercedes-Benz, пренесe Ројтерс.
Германскиот регулатор KBA го одобри системот врз основа на техничките барања наведени во регулативите на Обединетите нации.
Покрај регулативата на ОН за техничките барања, земјите мора да донесат и закони со кои ќе се разјасни каде и како може да се користат таквите системи, како и прашања за одговорност.
Маркус Шефер, директор за технологија во Daimler, рече дека Mercedes-Benz ќе го понуди системот Drive Pilot на тие пазари веднаш штом стапат на сила соодветните закони во Кина и САД.
Одобрувањето добиено во Германија значи дека Mercedes-Benz може да понуди автомобили од S-класа со Drive Pilot на домашните клиенти во првата половина на 2022 година.
Според анализите на компанијата, во Германија има повеќе од 13.100 километри автопат погоден за системот Drive Pilot.
KBA го одобри овој систем за брзини до 60 километри на час. Засега не одлучил дали ќе го одобри за брзини до 130 км/ч или помошна функција за промена на сообраќајната лента, која би му овозможила автоматизирање на престигнувањето на друг автомобил.