Автоваз им нуди на работниците по 3.000 долари за доброволно да дадат отказ

77

Автоваз, најголемиот руски производител на автомобили, кој суспендираше дел од своето производство поради санкции и недостиг на компоненти, објави дека на работниците во фабриката во Ижевск им нуди еднократна исплата од околу 3.000 долари – доколку доброволно дадат отказ.

„Автоваз“ го продолжи производството на некои од своите популарни модели на „Лада“ во главната фабрика во Тољати во јуни, откако делумно го прекина производството во пролетта поради недостиг на електронски делови, пренесува Ројтерс.

Компанијата, чиј долгогодишен акционер Рено го продаде својот удел на руски инвеститор во мај, не можеше да го рестартира производството на моделот Лада Веста, испраќајќи 3.200 вработени од својата фабрика во Ижевск на платен одмор во март.

„Автоваз“ им предложи на работниците во фабриката во Ижевск, град со околу 645.000 жители, кој се наоѓа на околу 1.200 километри источно од Москва, или да најдат нови работни места во компанијата или да дадат отказ со заеднички договор.