Азески: Балканот да се отвори, историјата да се затвори, бизнисот да се обедини

22

Доста ни е од затвореност, корупција, сива економија и евтина работна сила. Не сакаме веќе понижувања дека сме неспособни да се интегрираме во меѓународната заедница и дека некој однадвор треба секогаш да ги решава нашите проблеми. Бараме да се отвори Балканот, да се затвори историјата, да се обедини бизнисот и да се истрае во имплементацијата без оглед на отпорот на конзервативните сили, вели претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески во интервју за МИА по повод  Економскиот форум за регионална соработка што ќе се одржи во Скопје.

Азески во интервјуто оценува дека е неопходно регионот што побрзо да се апстрахира од деструктивниот процес на “балканизација“.

Според него, актуелните политички елити на Србија, Албанија и Северна Македонија имаат волја да ги решат економските проблеми, но бизнисмените тоа треба да го искористат и да го направат потребниот чекор за успешна интеграција.

Претседателот на Комората е дециден дека пролонгирањето на преговорите со ЕУ предизвикува штети, но најголемата од нив е неизвесноста која практично го “убива” бизнисот.

“Европските лидери кон овој процес треба да пристапат најодговорно и професионално зашто трпението и наклонетоста на бизнисот кон европските вредности може да се доведе во прашање“, подвлекува Азески во интервјуто.

Фото: Pixabay