Азески – Мартенс: Енергетската криза останува приоритетен проблем за компаниите и ќе се одрази на нивната ликвидност

31

Енергетската криза останува приоритетен проблем за компаниите и ќе се одрази на нивната ликвидност, оценија директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Според Мартенс и Азески, останува и клучно прашањето за инвестирање во квалификувана работна сила, како и вреднување на работникот согласно вложувањата.
Мартнес ја потпиша Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки што ја усвои Собранието на Стопанската комора на 14 јули по повод 100-годишнината од нејзиноот постоење. Во Декларацијата се бара нов економски договор и враќање од партиските на државната агенда, бидејќи, како што се наведува, само државната агенда може да го зачувува бизнисот и неговиот развој како единствен кохезиски фактор во државата.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески изрази благодарност за довербата што Делегацијата на германското стопанство ја покажува со чинот на потпишување на Декларацијата, потенцирајќи дека во интерес на заедничката идна соработка е и одлуката Комората да учествува на манифестацијата SUBEX-Suppliers Balkan Expo што на во ноември месец ја организира Делегацијата на германското стопанство во државата. За Северна Македонија, Република Германија има клучно значење бидејќи е најголемиот бизнис партнер на македонското стопанство.

Директорот Мартенс акцентираше дека бизнис соработката на двете земји е од заеднички интерес и дека има поле за нејзино проширување. Во следниот период потенцијал за нови бизнис зделки гледа во повеќе сектори, но особено во текстилот.

Досега Декларацијата ја потпишаа повеќе од 150 субјекти, компании членки на Комората, а од надворешните институции прв потписник е Македонската академија на науките и уметностите. Во наредните денови, наведува Делегацијата на германското стопанство, тоа ќе го направат и ректорите на државните универзитети во Македонија.