Бајден најави нов азиско-пацифички економски пакт со 13 земји

44

Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Токио го најави почетокот на ново азиско-пацифичко економско партнерство со 13 земји учеснички, вклучувајќи ги САД и Јапонија, но без Кина, која не гледа позитивно на проектот.

Индо-пацифичката економска рамка (ИПЕФ) не е договор за слободна трговија, туку предвидува поголема интеграција меѓу земјите-учеснички во четири клучни области: дигитална економија, синџири на снабдување, зелена енергија и борба против корупцијата.

На Вашингтон му недостига економски столб во неговиот индо-пацифички ангажман откако поранешниот претседател Доналд Трамп го напушти мултинационалниот трговски договор, оставајќи и на Кина слободен простор да го прошири своето влијание, коментираат светските агенции.

Белата куќа сакаше најавата на ИПЕФ да биде формален почеток на преговорите со клучна група земји истомисленици, но Јапонија сакаше да се погрижи да бидат вклучени што е можно повеќе земји од Југоисточна Азија, велат трговски и дипломатски извори.

Фото: Facebook