Балкан Економик Форум потпиша договор за стратешко партнерство со Кипарскиот форум

79

Здружението за регионален развој Балкан Економик Форум (Balkan Economic Forum) потпиша договор за стратешко партнерство и соработка со компанијата Zenox Policy Innovations LTD од Никозија, која го организира познатиот Кипарски форум (Cyprus Forum).

Целта на овој договор е да се зајакне поврзаноста помеѓу двете организации во насока да се обезбеди динамична платформа за поддршка на економиите и бизнис заедниците на земјите од поширокиот регион. Организаторите на Кипарскиот форум ќе обезбедат менторска поддршка за експанзија и дополнителен развој на Balkan Economic Forum и ќе го пренесат своето долгогодишно искуство во организирање на елитни бизнис и економски настани.

Претседателот на Balkan Economic Forum, професорот Сашо Ќосев, по повод потпишувањето на договорот за партнерство вели: “Навистина сме среќни што секојдневно наоѓаме нови сојузници и партнери кои веруваат во мисијата на Balkan Economic Forum и ги препознаваат вредностите што оваа платформа ја носи за земјите од регионот. Чест ни е што во годините што претстојат ќе имаме прилика одблиску да соработуваме и да научиме од досегашното искуство на еден од најреспектабилните форуми во светот каков што несомнено е и Cyprus Forum”

Балкан Економик форум – БЕФ (http://www.balkaneconomicforum.org/) е основан во 2014 година и досега организираше годишна конференција во 2015 година во Атина. Следното издание на настанот е планирано да се одржи во наредната 2022 година.

БЕФ во моментов учествува во подготовка на меѓународната конференција “Balkans to Asia: scouting economic opportunities for stronger collaboration”, планирана да се одржи online при крајот на годинава истовремено во три градови: Брисел, Скопје и Њу Делхи.