
Цените на станбените недвижности во Европската унија се зголемија за 5,1 процент на годишно ниво во првиот квартал од 2026 година, додека на ниво на Еврозоната е регистриран раст од 4,7 проценти, објави денес Евростат.
Во споредба со четвртиот квартал од 2025 година, цените на становите и куќите се зголемија за 1,2 проценти во Европската унија и за еден процент во Еврозоната.
Кириите во Европската унија, исто така, се зголемија за три проценти на годишно ниво, а на квартално ниво за 0,7 проценти.
Кога се анализираат националните податоци од земјите-членки и се споредуваат со годишниот просек од 2025 година, цените на недвижностите пораснале побрзо од кириите во дури 19 земји од ЕУ.
Највисоки зголемувања на цените на станбените недвижности пријавиле Португалија (10,3 проценти), Бугарија (9,4 проценти) и Словачка (9,1 процент).
Спротивно на тоа, само две земји во рамките на ЕУ успеаја да забележат пад на цените на недвижностите во овој период, имено Франција, каде што цените паднаа малку за 0,5 проценти, и Финска, за 1,8 проценти.
Во истиот период, кириите се зголемија во сите земји-членки на ЕУ освен во Словенија, каде што се намалија за 0,9 проценти, додека во Финска останаа непроменети, според веб-страницата на Евростат.
Апсолутен рекордер за зголемување на кириите е Хрватска, каде што кириите се зголемија за дури 21,9 проценти во споредба со просекот за 2025 година.
Бугарија е на второ место со зголемување на цените за изнајмување од 6,4 проценти, додека Грција известува за зголемување од пет проценти, пренесува Танјуг.












