Банерџи: Низ годините Народната банка остана столб на финансиската и макроекономската стабилност

71

Во изминатите 30 години Народната банка ја одржа својата репутација на независна, стручна и кредибилна институција, која е столб на финансиската и макроекономска стабилност и дава поддршка во економскиот развој на земјата. Ова беше посочено од страна на поранешниот шеф на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава за време на транзицискиот период, Бишваџит Банерџи.

Во рамки на неговата посета, организирана како дел од активностите за јубилејот „30 години монетарна самостојност”, Банерџи оствари работна средба со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерите и членовите на Советот, а исто така одржа предавање пред претставници на финансиските регулатори, банкарскиот сектор, универзитетски професори и вработените на Народната банка.

За време на средбата со гувернерката и вицегувернерите, беше истакнато значењето на централните банки, во време на континуирани шокови во глобалната економија. Од почетокот на пандемијата, олабавената политика која ја водеа централните банки и поддршката од банкарскиот сектор, заедно со фискалните мерки, придонесоа за брзо закрепнување на економијата. Сега, новите два шока кои ја погодија глобалната економија, енергетската криза почнувајќи од последниот квартал минатата година и војната во Украина коишто резултираа со неочекуваното оживување на инфлацијата, бараат нов пристап од страна на централните банки. Тие најмногу можат да помогнат на економијата, заштитувајќи ја стабилноста. Оттаму, централните банки почнаа да ја нормализираат политиката, согласно различните услови специфични за земјите. Банерџи ги посочи како навремени трите покачувања на основната камата од страна на Народната банка.

Toj истакна и дека во време на глобален инфлаторен раст и ризици за реалната економија, во насока на одржување на ценовната стабилност, водењето независна монетарна политика, каква што впрочем и води Народната банка е клучно за целата економија.

За време на посетата, Банерџи одржа и предавање пред вработените во централната банката, претставници на банки, финансиски регулатори и универзитетски професори на тема „Прелиминарни наоди на тековен истражувачки проект за влијанието на Ковид пандемијата врз словенечкиот нефинансиски корпоративен сектор”.

Во периодот на транзициските години Банерџи, како дел од ММФ, со своите стручни видувања и експертиза даде огромен придонес и кон градењето на темелите на макроекономската рамка за нашата држава. Тој беше шеф на Мисијата на ММФ во период 1998 -2002 година, кога државата се соочуваше со значителни негативни ефекти од косовската бегалска криза во 1999 година и интерниот конфликт во 2001 година. Бил предавач на Универзитетот во Оксфорд, Хаверфорд колеџот и Вортон школата на Универзитетот во Пенсилванија, додека тековно е предавач на Ашока универзитетот во Индија, но и советник на гувернерот на централната банка на Словачка. Автор е на повеќе стручни книги од областа на економијата и има голем број истражувачки публикации во водечки академски списанија.