Банкари: ЕЦБ сега ќе ги остави каматните стапки непроменети за некое време

49

Европската централна банка (ЕЦБ) веројатно уште некое време нема да ги менува основните каматни стапки, оценија членовите на раководството на ЕЦБ. ЕЦБ ги зголеми каматните стапки 10 пати од минатото лето во обид да ја залади инфлацијата.
„Секој разговор за намалување на каматните стапки е прерано“, изјави во четвртокот заменик-претседателот на ЕЦБ Луис де Гуиндос за словенечкиот деловен дневен весник „Фајнанс“.

„Од месец во месец ќе следиме како се развиваат работите, но во моментов нашиот план е да ги задржиме каматните стапки стабилни додека не ја исполниме целта“, рече Де Гиндос.

Централните банки ја користат каматата за ладење на економијата, а со тоа и индиректно инфлацијата. Нивната цел е да постигнат рамнотежа помеѓу силната побарувачка, која пак ги турка цените, и економскиот раст, кој трпи поради поскапото финансирање и послабата побарувачка.

И претседателот на француската централна банка, Франсоа Вилерој Галхау, во радио интервју ја отфрли идејата за предвремено намалување на референтната каматна стапка.

Истовремено, тој оцени дека каматите повторно ќе растат само во случај на „нов шок“.

Инфлацијата минатата година првенствено беше поттикната од зголемувањето на цените на енергенсите по рускиот напад на Украина.