Во изминатите неколку години, основните каматни стапки во еврозоната се развиваа исклучиво во една насока – надолу. За време на мандатот на поранешниот претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги, немаше зголемување на референтната каматна стапка. Последен пат беше зголемена пред околу десет години, потсетува германски Handelsblatt.
Тоа може да се промени за време на мандатот на сегашната претседателка на ЕЦБ, Кристин Лагард. Тоа го очекуваат експертите на европскиот пазар. Според новата студија на Европската централна банка, тие веруваат дека Централната банка на Европа ќе ја зголеми каматната стапка во мај 2024 година.
Ова се само некои од резултатите од новото истражување што традиционално го спроведе ЕЦБ шест недели пред состанокот на Советот. На него учествуваат учесници на пазарот од различни земји од еврозоната. На нив им се поставуваат прашања поврзани со нивните очекувања во врска со купувањето обврзници, каматните стапки, инфлацијата и економскиот раст.
Во однос на големината на зголемувањето на референтната каматна стапка на ЕЦБ, учесниците во истражувањето очекуваат само мал чекор, односно зголемување за десет основни поени. Да потсетиме, стапката сега е минус 0,5 %, односно во моментов банките што имаат вишок ликвидни средства во ЕЦБ треба да плаќаат камата од 0,5 %.
Едно од прашањата за учесниците во истражувањето е колку простор за маневар ЕЦБ има за да ги намали каматните стапки. Повеќето економисти сметаат дека ќе се достигне до точка кога оваа практика ќе го забави економскиот развој, бидејќи клиентите во банките ќе започнат да ги вадат своите пари и да ги ставаат во сеф, што секако ќе плати помалку од каматата на банката. Според истражувањето на ЕЦБ, испитаниците сметаат дека минус 0,8 % е долната граница на стапката на депозити.
Во моментов најважниот инструмент на ЕЦБ е купување на обврзници преку програма специјално дизајнирана за време на пандемијата на короната, (Pandemic emergency purchase programme – PEPP). Програмата вклучува фонд од 1,85 трилиони евра, и засега има ограничено траење – до март 2022 година. Според испитаниците на ЕЦБ, се претпоставува дека ова купување на обврзници ќе заврши во утврдениот рок.
Фото: Pixabay











