Банкарски гигант купува удел во Volkswagen

52

Инвестициската банка JPMorgan вчера објави дека планира да купи мнозински удел од близу 75 проценти од единицата за платен промет на Volkswagen.

Американскиот банкарски гигант изјави дека со овој договор ќе ги прошири своите капацитети за дигитални плаќања и за првпат ќе влезе во автомобилската индустрија.

 

Со текот на времето, двете компании планираат да ја развијат оваа VW платформа и на пазарот надвор од автомобилскиот сектор, соопшти JPMorgan, пренесе CNBC.

Финансиските услови на договорот не се откриени, а трансакцијата се очекува да биде завршена во првата половина на 2022 година.

Volkswagen веќе некое време прави напори да влезе во индустријата за дигитални плаќања. Тие основале компанија за плаќање во Луксембург во 2017 година, која, меѓу другото, им овозможува на клиентите да купуваат и изнајмуваат автомобили, да плаќаат билети за паркирање, да плаќаат за полнење електрични возила итн.

Соопштението на американската банка не им помогна на акциите на VW на Франкфуртската берза, кои вчера “потонаа“ за повеќе од 2,0 проценти поради општиот тренд на пад на акциите на европските пазари.

Ова е најновата во серијата аквизиции и инвестиции на JPMorgan оваа година. Компанијата постигна договор во јуни за преземање на британската компанија за управување со богатството преку Интернет, Nutmeg, како и купување на платформата OpenInvest со седиште во Сан Франциско, која е фокусирана на етички инвестиции.