Банкарски гигант укинува до 3.200 работни места за да ги намали трошоците

110

Голдман Сакс ќе започне да укинува до 3.200 работни места за неколку дена.

Според извори блиски до банките на Волстрит, компанијата се обидува да ги заузда оперативните трошоци во услови на забавување на инвестициското банкарство.

Кратењата, кои претставуваат околу 6,5 отсто од приближно 49.000 вработени, се под најлошото сценарио од 3.900 работни места за кои извршниот директор на Голдман, Дејвид Соломон и неговиот менаџерски тим разговараа кон крајот на минатата година.

Конечниот број, исто така, може да биде помал од 3.200, рече изворот.

Во секој случај, обемот на кратењата што се подготвуваат во банката се едни од најдлабоките што Голдман Сакс ги направи во својата понова историја и се подрастични од она што претходно го планираа.

Ова е последица и на масовната политика за вработување од претходните години. Имено, Голдман го зголеми бројот на вработени двојно побрзо од останатиот дел од банкарската индустрија од почетокот на 2020 година, бидејќи се прошири во нови области.

Кратењата ќе бидат направени низ целата банка, погодувајќи го потрошувачкиот бизнис на Голдман, кој компанијата планира да го намали, како и инвестициското банкарство и трговските операции, кои привлекуваат повеќе готовина.

Голдман одби да ги коментира намалувањата на работната сила, кои првпат беа објавени од Блумберг.

На 17 јануари банката треба да ги објави резултатите од работењето во четвртиот квартал од минатата година. Аналитичарите предвидуваат дека заработката по акција ќе падне за околу 8 проценти на годишно ниво во последните три месеци од 2022 година.