
Банкарскиот сектор во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ) има силен потенцијал за раст, според новата анкета на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Побарувачката за кредити и од бизнисите и од домаќинствата во регионот е силна, поддржана главно од потрошувачки и станбени кредити, покажува Анкетата за кредитирање на банките за првата половина од 2026 година. Во исто време, се очекува благо олабавување на понудата на кредити, што одразува намалена подготвеност за одобрување кредити на големи компании.
Меѓународните банки планираат понатамошно проширување: три четвртини од анкетираните прекугранични банкарски групи имаат намера да ги прошират своите активности во регионот, при што ниту една од нив не очекува намалување на своите активности. Дополнително, профитабилноста на банките е силна во однос на нивното целокупно работење, со особено силни резултати во Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Унгарија, *Косово, Северна Македонија и Србија.
„Овие трендови се охрабрувачки за инвестиции и економски развој во регионот и знак за потенцијалот за раст што го претставува ЦИЈЕ за Европа”, рече потпретседателот на ЕИБ, Марек Мора.
Повеќето анкетирани банки го сметаат пазарниот потенцијал за висок, особено во земји како Чешка, Романија и Словачка. Анкетата покажува умерени очекувања за пазарите во Западен Балкан. Пристапот до финансирање во ЦИЈЕ за прекуграничните банкарски групи и за нивните подружници остана силен во текот на изминатите шест месеци. Трендот е поткрепен од растот на депозитите од населението и корпоративните депозити и пристапот до финансирање од меѓународни финансиски институции (МФИ), каква што е ЕИБ и издавањето должнички инструменти на пазарите на големо.
Понатаму, квалитетот на кредитите се подобри во текот на изминатите шест месеци, со помалку пријавени нефункционални кредити. И покрај овие позитивни случувања, банките остануваат претпазливи во врска со следните шест месеци, очекувајќи влошување на квалитетот на кредитите во корпоративните портфолија и портфолијата на населението. Сепак, слични негативни очекувања во последните години честопати не се материјализираа.
Матео Фераци, главен советник во Економскиот оддел на ЕИБ, изјави: „Овие резултати истакнуваат многу позитивни кредитни трендови за банките што работат во областа на ЦИЈЕ, кои имаат корист од силните перформанси на глобалниот и европскиот банкарски сектор”.












