Банката на Америка се здружува со ФИФА за да стане спонзор на Светското првенство во 2026 година, објави во четвртокот глобалното раководно тело на фудбалот. Овој потег ќе го поврзе финансискиот гигант со еден од најгледаните спортски настани во светот.
Спонзорирањето на спортски настани може да биде плодна маркетинг стратегија за компаниите, бидејќи им овозможува да допрат до поширока публика и да ја зголемат препознатливоста на нивните брендови, пренесува Ројтерс.
Втората по големина банка во САД ќе биде првиот глобален спонзор на ФИФА во банкарската категорија, соопшти здружението. ФИФА има слично партнерство со гигантот за обработка на плаќања Visa од 2007 година, по спорот со Mastercard.
Банката на Америка соопшти дека партнерството „ќе ги надополни нејзините глобални и локални пазарни стратегии“ и ќе и овозможи да се поврзе со „глобалната публика“. „Фудбалот го поврзува светот како ниеден друг спорт“, изјави извршниот директор на Bank of America, Брајан Мојнихан.
На Светското првенство во 2026 година, 48 репрезентации ќе одиграат 104 натпревари, што е значително повеќе од претходниот турнир во Катар во 2022 година, кога 32 селекции одиграа 64 натпревари. Турнирот ќе се одржи заеднички во САД, Канада и Мексико. Од 16 градови домаќини, 11 се наоѓаат во САД.