Банката на Англија ја задржа постојната каматна стапка на 5,25 отсто

10

Банката на Англија одлучи да ја задржи основната каматна стапка непроменета на 5,25 отсто на состанокот во четвртокот. За оваа одлука гласаа седум членови на Комитетот за монетарна политика на британската централна банка, додека двајца членови гласаа за намалување на каматната стапка за 0,25 отсто.

Гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли, изјави дека е „оптимист и дека работите се движат во вистинската насока“, што нашироко беше протолкувано како навестување дека е неизбежно намалување на каматните стапки, пишува „Гардијан“.

Бејли рече дека Одборот гласал претпазливо, да чека повеќе докази дека инфлациските притисоци ќе останат пригушени. „Имавме охрабрувачки вести за инфлацијата и мислиме дека ќе падне блиску до нашата цел од два проценти во следните неколку месеци“, истакна гувернерот. Да потсетиме дека инфлацијата во Велика Британија во март се намали на 3,2 отсто.

Банката на Англија очекува инфлацијата мерена со PCI (индекс на потрошувачки цени) да се врати блиску до целта од два проценти во блиска иднина, но благо да се зголеми во втората половина од тековната година.

Сè уште постојат ризици за краткорочните изгледи за инфлацијата поради геополитичките фактори, иако развојот на настаните на Блискиот Исток досега има ограничено влијание врз цената на нафтата, се вели во соопштението на банката.