Банки нудат бонуси и слободни денови за менталното здравје на вработените

31

Британската мултинационална инвестициска банка Barclays им предложи на своите помлади вработени да земаат слободни саботи и да резервираат најмалку два петдневни годишни одмори годишно, со цел да избегнат преголем замор и прегревање од работа. Според извештаите во медиумите, банката ги повикала аналитичарите и соработниците да не работат од петок од 21 часот до недела во 21 часот, освен во неизбежни ситуации.

Управата на банката наведува дека промените во ритамот на работа изразуваат култура на грижа за менталното здравје на вработените.

“Динамиката на работа од дома и изолацијата се предизвици за кои сме свесни и сакаме да одговориме внимателно и емпатично, со цел соодветно да го осигураме менталното здравје на нашиот тим“, наведуваат од Barclays, пренесува PersonnelToday.

Работната култура во банкарскиот сектор неодамна се најде во центарот на вниманието на јавноста кога банкарите на Goldman Sachs се заканија дека ќе се откажат од работата затоа што работеле во просек 95 часа неделно, барајќи да се подобрат условите. Банката потоа презеде чекори за решавање на заморот на вработените. Канадските банки им понудија на вработените да земат слободен ден кога сакаат доколку се чувствуваат преморени.

Иако пандемијата ги направи сите почувствителни на поплаките на вработените, Bloomberg проценува дека деловната култура во инвестициските банки веројатно нема да се промени значително. Претходните ветувања за промена на практиките не се реализираа дури и по смртта на прекумерно ангажираниот приправник од Bank of America Corp. во 2013 година, кој работел непрекинато 72 часа пред да почине.

Искуството на Wall Street е дека парите лекуваат сè, па затоа и покрај тоа што одговориле на поплаките од нивните вработени, банкарите го подигнале износот на паричен надоместок за најмладиот персонал во Bank of America, Jefferies Financial Group Inc. и Credit Suisse Group AG. Сепак, тие не можат да се споредат со приватниот инвестициски фонд Apollo Global Management Inc. кои ја одврзаа торбата на старомоден начин, за да ги привлечат најдобрите кандидати, според EfinancialCareers.

Business Insider во март објави дека Apollo им понудил на своите млади соработници во Њујорк бонуси од 100.000, 150.000 и 200.000 долари за нивната прва, втора и трета година од вработувањето. Претходно, седум од 30 вработени ја напуштија работата, жалејќи се дека мораат да работат 20 часа на ден. Основните годишни плати на најмладите експерти се околу 450.000 долари. Фактот дека Apollo им понудил на вработените повеќе пари наместо слободни денови, треба да биде доказ дека нивната работа оди добро.

Фото: Pixabay