Банките од еврозоната очекуваат закрепнување на побарувачката за станбени и корпоративни кредити

Банките во еврозоната очекуваат благо закрепнување на побарувачката за станбени и корпоративни кредити во првите месеци од оваа година, покажува истражувањето на Европската централна банка во вторник.
И на крајот на 2023 година, банките ги заострија критериумите за одобрување кредити, со построги услови за фирмите и потрошувачките кредити и релаксирани за станбените, откри ЕЦБ во истражувањето во кое учествуваа 157 кредитори.

Во бизнис секторот, компаниите од градежништвото и секторот за недвижности би можеле да очекуваат построги услови.

Согледувањето на ризикот е главната причина за заострување на стандардите за кредитирање, утврди ЕЦБ, а поголемиот дел од анкетираните банки очекуваат да ги заострат и во првиот квартал на 2024 година.

Побарувачката за заеми од компаниите и домаќинствата повторно ослабе на крајот на 2023 година поради зголемените каматни стапки, соопшти ЕЦБ, нагласувајќи ги и намалените фиксни инвестиции од компаниите, разнишаната доверба на потрошувачите и послабата перспектива за пазарот на станбени недвижности.

Банките, сепак, очекуваат благо нето закрепнување на побарувачката за корпоративни и станбени кредити на почетокот на 2024 година, за прв пат од почетокот на 2022 година.

„Очекуваниот нето пораст е поврзан со проценките на банките за долгорочната побарувачка за кредити, додека краткорочната побарувачка треба да биде непроменета“, се вели во извештајот.