Банките во еврозоната планираат да ги заострат критериумите за одобрување кредити на компаниите

47

Банките во еврозоната планираат да ги заострат критериумите за доделување станбени и корпоративни кредити на крајот на годината, додека критериумите за потрошувачки кредити треба да се релаксираат, покажа во вторник  истражување на Европската централна банка (ЕЦБ).

Критериумите за одобрување станбени кредити беа заострени уште во третиот квартал, додека оние за кредити на фирмите беа ублажени. Домаќинствата, пак, би можеле да очекуваат горе-долу исти услови за одобрување потрошувачки и други кредити како пролетва.

Побарувачката на компанијата за заеми и кредитни линии е малку повисока во периодот од јули до септември во однос на претходниот квартал, покажува истражувањето на ЕЦБ, спроведено меѓу 146 банки од еврозоната во периодот од 20 септември до 5 октомври.

Граѓаните, пак, беа охрабрени од ниските камати и оптимизмот дека состојбата во економијата ќе се подобри по олабавувањето на корона мерките, па летово покажаа поголем апетит за станбени и потрошувачки кредити.

Кредиторите очекуваат дополнително зголемување на нето побарувачката на компаниите и домаќинствата за кредитирање во четвртиот квартал, покажа кварталното истражување на ЕЦБ.

Условите за кредити што ги склучија компаниите во периодот од јули до септември беа нешто поблаги отколку пролетните, додека граѓаните за станбени кредити склучуваа построги услови од минатата пролет. Условите на потрошувачките кредити беа повеќе или помалку непроменети.

Истражувањето покажа и дека банките полесно доаѓале до пари во третиот квартал и преку депозити и преку должнички хартии од вредност и пазарот на пари. Очекуваат овој тренд да продолжи и во четвртиот квартал.