Банкомат на тркала: Електричен BMW i3 трансформиран во банкомат

16

idea bank

Полската Idea Bank развива сосем нов концепт кога станува збор за мобилното банкарство во земјата. Иновативната банка лансираше неколку електрични автомобили BMW i3, во кои се вградени банкомати, а корисниците може да ги повикаат преку нивниот паметен телефон, пишува порталот Finextra.com.

Овие мобилни банкомати во овој момент им се достапни на сопственици на мали бизниси, кои може да ја користат Money collection апликацијата на полската банка. Сопствениците на овие мали компании може однапред да си го резервираат овој банкомат на тркала, со внесување на саканото време и место на испорака на услугите.

“Претприемачите кои доаѓаат во банка трошат многу од своето време и пари. Нашата задача е да им го симнеме тој товар од грбот“, вели Доминик Фајбушивич, член на Управниот одбор на банката.

Првите возила од овој вид веќе се активни низ улиците на Варшава, а им овозможуваат на бизнисмените не само да депонираат пари, туку и да го повлечат износот што им е потребен. Од менаџментот на банката уверуваат дека доколку има интерес, вакви автомобили ќе се активираат и во другите градови од земјата.