Стечајот на шведскиот производител на батерии Нортволт во САД може скапо да ги чини германската влада и сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн поради сомнителното враќање на заемот од државната развојна банка KfW.
Пред повеќе од 10 дена, шведската компанија прогласи банкрот во САД, посочувајќи дека ги исцрпила своите финансиски капацитети, со проценката на извршниот директор Ларс Ериксон, која ја презентираше во неговата оставка, дека им требаат 1,13 милијарди евра за нормализирање на работењето.
„Ликвидноста на Нортволт стана критична“, рекоа тие во поднесокот до стечајниот суд во Хјустон, додавајќи дека обезбедиле нов заем од 94,73 милиони евра за стечајната постапка, која, според проценките на раководството, треба да заврши до крајот на првиот квартал од 2025 година, со завршување на реструктуирањето на деловното работење.
Барањето за банкрот во САД ќе и обезбеди на компанијата време да го организира и прошири своето работење, истовремено исполнувајќи ги своите обврски кон клиентите и добавувачите и на крајот да се позиционира на долг рок, соопшти тогаш компанијата.
Подружниците Нортволт Германија и Нортволт Северна Америка, со проекти во Германија и Канада, се финансираат одделно и ќе работат нормално, се додава во соопштението објавено на 22 ноември.
Шведската компанија гради фабрика за батерии во близина на германскиот град Хајде и доби заем од 600 милиони евра од државната развојна банка KfW. Товарот на гаранцијата подеднакво го поделија федералната влада и владата на Шлезвиг-Холштајн.
Според американскиот закон, доверителите на Нортволт не можат да ги наплатат своите побарувања во процесот на реструктуирање, и покрај фактот што неговите операции во Германија не се вклучени во американското барање за стечај.
Според Хина, парите се исплатени на Нортволт преку конвертибилна обврзница, исклучиво за изградба на фабрика во Германија, а шведската компанија не може да ги користи за други цели, соопшти германското Министерство за економија.
Федералната влада ќе ги надомести KfW износот и поврзаните трошоци во декември. Шлезвиг-Холштајн ќе обезбеди контрагаранција за конвертибилна обврзница вредна 300 милиони евра и таа сума ќе ја плати на сојузната влада. Доколку реструктуирањето биде успешно, шведската компанија ќе и ги врати на германската држава кредитот и трошоците од 600 милиони евра.