Бараат итно запирање на пратките: Аmazon продава неисправни уреди што експлодираат

32

Тројца американски демократски сенатори побараа повлекување на сите опасни производи од продажната платформа на Amazon, откако CNN ги објави резултатите од својата истрага, кои покажаа дека десетици електронски производи на Аmazon остануваат во продажба и покрај поплаките на клиентите дека се стопиле, експлодирале или се запалиле.

Во писмо до сопственикот на Аmazon, Џеф Безос, сенаторите Ричард Блументал од Конектикат, Роберт Мендез од Њу Џерси и Ед Марки од Масачусетс напишаа дека извештајот на CNN покажува дека продавачот ги игнорира сериозните грижи на клиентите за одредени електронски уреди.

“Аmazon мора веднаш да ја прекине продажбата на опасни и неисправни производи, да ги повлече и веднаш да ги извести клиентите за потенцијалните ризици“, напишаа демократските сенатори во писмото.

Аmazon не одговори директно на загриженоста на сенаторите, но компанијата рече дека безбедноста е на прво место и дека нивните производи ги исполнуваат сите безбедносни стандарди.

Од компанијата соопштија дека преземаат бројни чекори за да се осигурат дека основните производи на Аmazon се безбедни и квалитетни.

Фото: Facebook