Барак Обама доби втор мандат и покрај слабата економија

22

Барак Обама го победи Мит Ромни во трката за претседател на САД и доби втор мандат. Границата од 270 гласови потребни за победа на изборите, Обама ја премина со победата во Охајо.

“Сите заедно сме во ова. Така ја водевме кампањата, тоа е она што сме. Ви благодарам”, Обама напиша на Твитер кратко откако објавија дека го добил мандатот.

Обама и Ромни во кампањата вложија три милијарди долари. Огромен дел од тие средства е потрошен во Охајо, држава чии гласачи веќе традиционално имаат најголемо влијание на резултатите за претседателски избори.

Обама победи и покрај слабата економија што го означи неговиот прв мандат, пренесуваат американските медиуми. Некои аналитичари дури предвидуваат дека ваквата состојба нема да се подобри ниту во вториот мандат. Обама во интервју пред изборите најави дека доколку биде реизбран, негов приоритет ќе биде да се намалат долгот и дефицитот преку кратење на трошоци и зголемување на даноците за оние што заработуваат најмногу во државата.

Откако стана јасно дека Обама ќе победи на изборите, доларот ја намали својата вредност во однос на еврото на азискиот пазар.