Binance.US побара од федералниот суд да го отфрли барањето на Комисијата за хартии од вредност (SEC) за замрзнување на милијарди долари од средствата на крипто берзата додека тече тужбата со регулаторот. Според компанијата, тоа ќе го осакати нејзиниот бизнис и ќе им наштети на потрошувачите, пренесе Блумберг.
Без можност за плаќање на вработените, продавачите и другите страни кои ја поддржуваат платформата, адвокатите на Binance.US во судските поднесоци рекоа дека „оперативноста брзо ќе престане“. „Со замрзнувањето на сите корпоративни средства, банкарските партнери најверојатно ќе престанат да ги исполнуваат барањата за трансфер на средства за која било цел“, се додава во текстот.
SEC побара замрзнување на имотот откако поднесе тужба против Binance.US, меѓународната Binance Holdings и основачот Чангпенг Жао минатата недела, обвинувајќи ги дека не ги почитуваат законите за хартии од вредност и ги загрозуваат корисничките средства. Binance.US е исто така во сопственост на Жао.
Според адвокатите на одбраната, имотот на американските потрошувачи е безбеден и нема потреба од бараните мерки.
Според тужбата, поднесена на 5 јуни, прекршувањата вклучуваат злоупотреба на потрошувачки средства и доведување во заблуда на инвеститорите и регулаторите. SEC поднесе барање за итни мерки за привремено замрзнување на средствата на Binance.US во обид да ги заштити корисничките средства, вклучително и преку репарации за инвестициите на клиентите што се чуваат во странство. Компанијата ги оспорува обвиненијата.
Според судските документи, откако е поднесена тужбата, еден од банкарските партнери на Binance.US веќе изјавил дека нема да ги држи средствата на компанијата од 14 јуни. Истиот партнер ги замрзна сите активности на сметката на компанијата во очекување на судска одлука за случајот на регулаторот.
Наспроти ова, сепак, има и добри вести за компаниите на Чангпенг Жао. Податоците од Nansen.ai покажуваат дека приливот на средства кон меѓународниот Binance е повторно во зелено. Во последните 24 часа, нето протокот на Binance беше 470 милиони долари. Тоа е сè уште дел од речиси 4 милијарди долари што го напуштија пазарот само минатата недела, но сепак е значителна сума сама по себе.