Барклис ја зголеми прогнозата за цената на Брент за 2026 година на 100 долари за барел

Британската банка Барклис ја зголеми прогнозата за просечната цена на меѓународната референтна нафта Брент за оваа година, од 85 на 100 долари за барел, поради продолжувањето на прекините во транспортот низ Ормутскиот теснец.

Банката вели дека блокадата на виталниот морски пат е сè уште еден од клучните фактори што влијаат на глобалниот пазар на нафта, и покрај сигналите за можни преговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, пренесува Ројтерс.

Според проценките на експертите на Барклис, светскиот пазар на нафта во моментов бележи дефицит од околу 6,6 милиони барели дневно, а овој дефицит би можел дополнително да расте доколку продолжат прекините во снабдувањето со енергија.