Германскиот хемиски гигант BASF започнува проект во Кина во вредност од 10 милијарди долари, пишува Financial Times.
Мартин Брудермилер, извршен директор на BASF, рекол дека погонот што ќе се гради во провинцијата Гуангдонг е најголема инвестиција во 154-годишната историја на германската хемиска компанија и е одраз на довербата во растот на кинескиот пазар.
Во погонот ќе се произведува инженерска пластика и термопластичен полиуретан, како и некои петрохемиски производи што се користат во повеќе индустрии, меѓу кои автомобилска, електронска и слично. Првата фаза се очекува да почне во 2022 година, со производен капацитет од 60.000 тони годишно. Планот е проектот да заврши до 2030 година.
BASF очекува Кина, инаку најголем пазар на хемиски производи, да чини 50% од светската побарувачка за хемикалии до 2030 година, што е зголемување во однос на актуелните 40%.
Фото: Pixabay