Земјоделскиот имот станува сè поскап: Растат цените за купување и изнајмување ниви во Европа

Просечната цена на еден хектар обработливо земјиште во Европската Унија беше проценета на 15.224 евра во 2024 година, што е зголемување од 6,1 процент во споредба со 2023 година (14.343 евра).

Драстични разлики во ЕУ: Од 4.800 евра во Латвија до над 200.000 евра за хектар во Малта

Просечната годишна цена за изнајмување на обработливо земјиште и трајни тревници беше проценета на 295 евра по хектар, што претставува зголемување од 6,4 проценти во споредба со 2023 година (277 евра), објави Европската канцеларија за статистика – Евростат.

Меѓу земјите со достапни податоци, највисока просечна цена за еден хектар обработливо земјиште беше во Малта (201.263 евра), по што следуваат Холандија (96.608 евра) и Португалија (76.556 евра).

Најниски просечни цени на обработливо земјиште беа забележани во Латвија (4.825 евра за еден хектар), Литванија (5.590 евра) и Словачка (5.823 евра).

Изнајмувањето на еден хектар обработливо земјиште беше најскапо во Холандија, со просек од 941 евро годишно, по што следуваат Данска (580 евра) и Грција (509 евра).

Спротивно на тоа, цените за изнајмување земјиште беа најниски во Словачка (69 евра), Хрватска (76 евра) и Малта (92 евра).