БДП на Велика Британија со скок од 16% во третиот квартал

27

Британското економско закрепнување во периодот од јули до септември оваа година, од падот што го предизвика пандемијата, беше значително посилно од она што претходно се мислело. Последните податоци покажуваат и нагло зголемување на државниот долг поради финансирање на мерките за ублажување на кризата.

Бруто домашниот производ на Велика Британија во третиот квартал се зголеми за 16%, што е повеќе од очекувањата од 15,5%, но со тоа не е надоместен падот од 18,8% од вториот квартал кога поголемиот дел од економијата запре, пренесува Ројтерс.

Британската канцеларија за национална статистика соопшти дека земјата се задолжила за рекордни 323 милијарди долари од јануари до крајот на август. Јавниот долг на земјата достигна 99,5% од БДП, што е најголем удел од 1962-ра година.

Британскиот министер за финансии, Риши Сунак, повторно вети дека ќе се бори против огромниот буџетски минус и големиот јавен долг, но за тоа е потребно време.

“Кога нашата економија ќе закрепне, тогаш ќе ги преземеме неопходните мерки за да ги ставиме јавните финансии на одржливи темели, коишто ќе ни помогна на идните кризи да одговориме така како што одговоривме оваа година“, наведува Сунак.

Фото: Freepik