Бектеши: Имаме најевтини храна и горива во регионот

48
„Последните податоци на Државниот завод за статистика за трошоците на живот и цените на мало во април ги потврдуваат заложбите на Владата и на Министерството за економија во делот на мерки за справување со инфлацијата, посебно кај цените на основните прехранбени производи. Продолжува трендот на намалување на инфлацијата и во април, таа се намали на 13%”, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Според министерот Бектеши, ако се спореди со инфлацијата која беше измерена во октомври кога Владата почна да носи мерки за справување со ценовната криза, може да се види дека има намалување на инфлацијата за над 7%.
„Тоа што е најважно што беа превземени мерки од страна на Министерството за економија е менаџирањето на цените на основните прехранбени производи, а податоците кои денеска ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека мерките даваат резултат. Само од март до април, споредбено, растот на трошоците во делот на храна и безалкохолни пијалоци за еден месец има намалување за 5,2%. Денеска треба да бидеме горди што Северна Македонија има најниски цени на основни прехранбени производи и нафтени деривати, споредено со земјите од регионот. Иако нафтените деривати се берзански производи, секоја Влада има простор процентуално да влијае во утврдување на цените, посебно во делот на фискалните политики каде што влегуваат акцизите, ДДВ-то, па и другите царински давачки. Имаме простор да донесуваме вакви одлуки за да ги амортизираме високите цени”, кажа министерот Бектеши.
Во однос на цените на прехранбените производи, министерот истакна дека мерките ги дадоа резултатите, и во делот на контрола на ланецот на трговијата, не само во однос на замрзнувањето.
„Само од октомври 2022 година до крајот на април годинава имаме намалување на цените на прехранбени производи со 14,7%, што е поголемо намалување од зголемувањето на платите во овој период во нашата држава”, кажа министерот Бектеши.