Бектеши:Ќе биде прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор, не се предвидени рестриктивни мерки

98

„Ќе биде прогласена енергетска кризна состојба во државата со единствена цел да може да се вбризгаат буџетски средства во енергетските компании како што се ЕСМ и МЕПСО со цел да се зголеми нивната ликвидност за да може да се интервенира во увозот на струја. Рестриктивни мерки во моментот не се предвидени. Министерството за економија и сите институции вклучени во енергетскиот сектор постојано имаат состаноци и будно се следи состојбата на електроенергетскиот сектор во државата. Министерството за економија предложи до Владата, и во саботата беше донесена Уредба за начинот и критериумите за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор со цел да се усогласи со новиот Закон за енергетика. Согласно Уредбата ќе може да се спроведат разни мерки вклучително и Владата директно преку буџетот и институциите кои се директни буџетски корисници на средства да интервенира во енергетските компании какио што се ЕСМ и МЕПСО“, ова го истакна министерот за економија Крешник Бектеши во вчерашното гостување во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат.

„Во четврток и во петок ќе имаме средба со членовите на Комисијата предвидена во рамки на Уредбата за прогласување кризна состојба. И јас како министер за економија на првата владина седница, која е предвидено да се одржи во вторник, ќе и предложам на Владата да ја прогласиме  крзна состојба во енергетскиот сектор“, кажа министерот Бектеши и потенцираше дека на состаноците со сите чинители во енергетскиот сектор ќе се направат анализи и точни пресметки колку финансиски средства ќе бидат потребни за да се трансферираат до енергетските компании.

„Ве уверувам дека Владата има средства за да интервенира и во зависност од потребите на енергетските компании, толку средства ќе се пренесат директно од буџетот“ потенцираше министерот Бектеши.