Бектеши: Ќе се интензивира соработката во енергетскиот сектор со Туркије

34

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари работен состанок со министерот за енергетика и природни ресурси на Република Туркије, Фатих Донмез.

На состанокот учествуваа и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, извршниот директор на АД НЕР, Бајрам Реџепи, генералниот директор на МЕПСО, Орхан Муртезани, директорот на АД ГА-МА, Александар Арсиќ, како и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Министерот Донмез беше придружуван од генералниот директор на БОТАС, Бурхан Озџан и– генерален директор на ТЕИАШ, Орхан Калдирим.

На состанокот беше изразена одличната билатерална соработка која ја имаат Северна Македонија и Турција.

Министерите Бектеши и Донмез разговараа за можните правци за развој и продлабочување во полето на енергетиката, пред се во делот на снабдување на електрична енергија и природен гас во земајќи ги во предвид движењата на енергетските политики во услови на енергетска криза.

Министерот Бектеши се заблагодари за досегашната поддршка од Република Туркије и интересот за обезбедување на енергенси за потребите на нашата земја.

“Се покажува уште еднаш добрата соработка која ја имаме со Република Туркије. Од кога почна енергетската криза, прва земја каде се обративме за поддршка беше Министерството за енергетика и природни ресурси на Туркије. Денеска беше покажан интерес да се продолжи соработката и да и се излезе во пресрет на нашата држава и на нашите граѓани“ кажа министерот Бектеши.

Министерот информираше дека во финална фаза е Меморандум за соработка во енергетиката со Туркије, кој се очекува да се потпише во наредниот период со кој ќе се отворат можности за зголемување на соработката и инвестиции на полето на енергетиката помеѓу двете земји.

“Ќе потпишеме Меморандум за соработка во делот на енергетиката, текстот веќе е во финална фаза на подготовка и ќе биде потпишан во наредниот период. Јас сум убеден дека оваа криза заеднички ќе ја надминеме и ќе отвориме нови перспективи за развој на економиите на двете земји“ кажа министерот Бектеши и додаде дека Северна Македонија има интерес да привлече што поголем број на турски инвестиции, посебно во делот на обновливи извори на енергија и во делот на производство на електрична енергија.

„Ние како Севрна Македонија ќе учествуваме во секоја иницијатива на Република Туркије, како што е и регионален пазар на електрична енергија и други иницијативи“ кажа Бектеши.

Министерот Бектеши и министерот Донмез се согласија во наредниот период да се интензивираат разговорите за можностите за снабдување со електрична енергија и природен гас од Туркије.

Министрите се согласија дека Турција и Северна Македонија имаат традиционално одлична соработка на енергетски план и изразија надежи во иднина оваа соработка да се продлабочи.