Бектеши: Компаниите да го исполнат ветувањето за пониски цени

42

Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика компаниите да го одржат ветувањето за намалување на цените на производите. Ако има случаи на кризни профитери, како што најави денеска, ќе побара поддршка од пратениците да се донесе закон за солидарност, а средствата што ќе се соберат ќе се дадат на граѓаните за директна поддршка преку дополнителните антикризни мерки што се креираат.

При посетата на компанијата „Бионика Фармацеутикалс“, Бектеши потсети дека одлуката на Владата е мерката за субвенционирана струја да продолжи до крајот на април до кога е објавена енергетска криза и истакна оти е убеден дека согласно сите калкулации ќе продолжи трендот на намалување на цените на домашните производи.

– Порачувам до компаниите – нашите домашни производители да се насочиме на намалување на цените заради тоа што електричната енергија која се субвенционира е само еден импут во формирањето на нивната цена. Не можеме да влијаеме на основните прехранбени производи кои директно се увезуваат во нашата држава заради тоа што таму има други политики. За тие што се произведуваат кај нас очекувањата се да продолжи трендот на намалување особено кај тие што се наведени во Одлуката за замрзнување и утврдување на маржите и ние нема да отстапиме од оваа политика, рече Бектеши на новинарско прашање.

Едно од најголемите барања на компаниите, посочи, беше субвенционирање на електрична енергија, како Влада тоа го исполнивме тоа и сега останува на компаниите да го исполнат тоа што го ветиле. Ако не, ако имаме случаи на кризни профитери ќе бараме од страна на пратениците вклучувајќи ја и опозицијата за да им излеземе во пресрет на граѓаните бидејќи тоа се пари на граѓаните и на компаните кои плаќаат даноци, да го поддржат новиот закон за солидарност, каде ќе се наведат и тие мерки. Средствата кои ќе се соберат од тоа законско решение ќе се користат за директна поддршка на граѓаните преку дополнителните антикризни мерки кои ги креираме заедно со претседателот на Владата и неговиот тим и други институции, изјави Бектеши.

Тој ги повтори очекувањата за намалување на цените од 7 до 12-13 отсто за различни производи, како што кажале и претставниците на компаниите и посочи дека за одредени производи веќе има намалување од 10 отсто.

– Да бидам искрен, во одредени производи веќе има намалување од 10 отсто. На пример, лебот има намалување од 10 отсто споредбено со тоа колку беше цената на лебот во септември и октомври. Јогуртот исто, некои одредени месни производи имаат намалување, за жал, некои немаат намалување. Затоа Пазарната инспекција редовно е на терен и очекуваме со усвојувањето на законското решение од страна на Собранието да се направат дополнителни пресметки и тие кои направиле дополнителен профит од тоа што го имале во претходните две-три години ќе плаќаат дополнителни давачки, средства кои ние ќе ги користиме за поддршка на граѓаните, посебно на семејствата кои имаат најголема потреба, рече Бекшети.

Фото: Pixabay