
Резултатите од истражувањето спроведено од белгиската агенција „Асерта Консалт“ откриваат дека само 2,85 проценти од компаниите во Белгија вработуваат работници според системот на четиридневна работна седмица.
Станува збор за модел во рамките на Пилот-студијата на белгиското Федерално биро за планирање, каде што вработените работат само четири дена во неделата, но со подолги работни часови од стандардните осум часа, а притоа ја задржуваат целосната плата, како да работеле пет дена.
Сепак, анализата укажува дека во овој начин на работа се вклучени само 0,8 проценти од сите вработени лица во Белгија.
“Моделот на четиридневна работна останува исклучок на нашиот пазар на трудот. Иако бројот на вработени кои се одлучуваат за овој режим се зголемува, нивниот удел сепак останува низок”, изјави правната експертка во „Асерта Консалт“, Лизбет Геталс.
Според неа, практикувањето на четиридневна работна седмица значи дека работниците би требало во текот на работните денови да минуваат повеќе од осум часа на своите работни места, што не е остварливо за секого и во секоја дејност. Геталс исто така напоменува дека со пократката работна седмица, вработените би ги изгубиле бенефициите што ги добиваат во текот на петтиот работен ден во неделата.
Истражувањето покажува дека 39,2 отсто од компаниите со над 500 вработени имаат барем еден вработен со полно работно време кој е ангажиран според режимот од четири дена, додека таквата стапка во фирмите со од 200 до 500 вработени е 19,3 проценти.
“Воопшто не претставува изненадување што режимот од работна недела од четири дена е почест кај поголемите компании, бидејќи тие обично имаат повеќе можности да обезбедат континуитет во работата”, вели Геталс.
Поради фактот што најголемиот дел од компаниите во Белгија се со помал број вработени, само 2,85 отсто од вкупниот број регистрирани претпријатија во земјата нудат можност за работа според моделот на четиридневна работна седмица.
“Ова значи дека четиридневниот режим на работа се користи многу малку во Белгија”, заклучува Геталс.
Во истражувањето биле анкетирани 224.000 работници ангажирани со полно работно време во приближно 20.000 приватни белгиски компании.
Истражувањето е спроведено во пресрет на објавувањето на резултатите од Пилот-студијата за четиридневната работна недела од страна на Федералното биро за планирање.
Пилот-студијата беше лансирана во ноември 2022 година врз основа на „Новиот работнички договор“ инициран од претходната белгиска Влада.











