Хрватската фармацевтска компанија Белупо пратила писмо со намери за преземање на српската Галеника. За Галеника, освен Белупо, заинтересирани се уште три компании, Valeant Канада, Batterjee Pharma од Саудиска Арабија и SCS International Сад, пишува Телеграф.рс повикувајќи се на извори од Министерството за финансии и економија.
Најголемата српска фармацевтска компанија која е во државна сопственост, поради лошо менаџирање, во последните неколку години западна во повеќемилионски долгови. Според тврдењата на челните луѓе во Агенцијата за приватизација, Галеника вреди 100 милиони евра, но инвеститорските кругови се скептични околу оваа проценка, затоа што долгот на оваа компанија е 170 милиони евра. Галеника, која со 20% удел на српскиот пазар е втора, веднаш зад моќниот Хемофарм од Вршац, минатата година остварила 50 милиони евра приход, а 80 милиони евра расход.
Белупо Копривница лани оствари приход од 110 милиони евра и добивка од 11 милиони евра. Еден од условите за продажба на Галеника е дека во предвид доаѓаат само компании од браншата кои остваруваат најмалку 200 милиони евра приход, па прашање е како Белупо ќе ја помине оваа препрека.
Рокот за поднесување на тендерски пријави истекува на 4 март.
Белупо функционира во рамките на групата Подравка, компанија за која се шпекулира дека е заинтересирана за преземање и на Алкалоид.