Берт Твалфховен, мецена на претприемништвото, стана почесен доктор на науки на Универзитетот Американ Колеџ Скопје

16

bert

Во просториите на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), денеска се одржа свечена церемонија за доделување на титулата почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causa) на УАКС на д-р Берт Твалфховен, сериски претприемач и основач на Европската Фондација за истражување на претприемништвото.

Во присуство на министерот за економија Беќим Незири, титулата му беше врачена од страна на ректорот на Универзитетот, проф. д-р Марјан Бојаџиев.

“Првенствено е важно да се стекнете со знаење, да го примените и патем да заработите, а на крајот да го споделите стекнатото искуство со оние на кој најмногу им треба – студентите т.е. идните претприемачи“, рече д-р Твалфховен.

Д-р Берт Твалфховен е мецена на модерниот пристап кон претприемачкото образование во Европа и во светот. Тој во Скопје дојде на покана од Универзитет Американ колеџ Скопје, кој обележува седумгодишна соработкa со Европската фондација за истражување на претприемништвото (ЕФЕР), организацијата чиј основач е Твалфховен, со соработка со Универзитетот Харвард и многумина негови алумни членови како и Европската Унија.

ЕФЕР е заслужен за поставување на претприемништвото на картата на eвропското високо образование и развивање на мрежа првокласни европски професори и активни претприемачи. ЕФЕР беше создадена како одговор на зголемената загриженост дека европските универзитети и бизнис школи не обрнуваат доволно внимание на претприемништвото. Основана во 1987 година, ЕФЕР поттикнува и промовира истражување и настава во областа на претприемништвото во институциите на високото образование во Европа. Фондацијата тесно соработува со широка мрежа на школи и професори ширум Европа и светот, од технички универзитети и од бизнис училишта, со цел дисеминација на информации за најдобрите практики во образованието за стимулирање на претприемништвото. Универзитетот Американ Колеџ Скопје тесно соработува со ЕФЕР со цел да се иницираат и воведат новини во наставните програми за претприемништво во Република Македонија. Универзитетот во своите редови има 16 алумни професори од програмите на ЕФЕР наменети за професори, кои се обучени за пренесување на новите трендови во наставата за претприемништвото. Тие интензивно соработуваат со претприемачи во земјата.

Д-р Берт Твалфховен ги завршил своите додипломски студии на Фордхам Универзитетот во Њујорк во 1952 година, a постдипломските студии ги завршил на Харвард факултетот за бизнис во 1954 година, при што се стекнал со МБА диплома. Во 1993 година ја добива титулата „почесен доктор на науки“ од Универзитетот Фордам, во име на благодарноста за неговите достигнувања во областа на образованието и неговите достигнувања како меѓународен претприемач. Д-р Твалфховен е поранешен претседател на Организацијата Алумни при Харвард факултетот за бизнис. Во 2001 година ја добива годишната алумни награда од Харвард факултетот за бизнис, поради активностите за поттикнување на претприемништвото во Источна и Западна Европа.

Знаењето стекнато на престижни врвни универзитети како Фордам и Харвард од САД и работењето со преку 60 компании што тој ги основал низ целиот свет, вклучувајќи ги Индиверс и Гилде, се обидува да го пренесе на новите генерации претприемачи, создавајќи силна база на предавачи во Европа, како и искусни претприемачи кои се подготвени своето знаење да го стават на располагање на средината.