
Европските берзански индекси денес се претежно во пораст, а пазарот го продолжува позитивниот сентимент од претходната сесија по сигналите дека се приближува политички договор што би можел да го прекине затворањето на федералната влада во Соединетите Американски Држави.
Претставничкиот дом на САД веројатно денес ќе гласа за законот за федерално финансирање што го усвои американскиот Сенат во понеделник со поддршка на неколку демократски сенатори и речиси сите републиканци.
Се очекува законот да биде одобрен, а потоа испратен до американскиот претседател Доналд Трамп, објавува CNBC.
Инвеститорите го следат и самитот за климата COP 30 на Обединетите нации во Бразил, како и самитот за веб-технологија во Лисабон.
Денес во 10:00 часот, индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 1,04 проценти на 24.363,62 поени, францускиот CAC 40 за 0,84 проценти на 8.225,04 поени, британскиот FTSE 100 за 0,1 процент на 9.909,01 поени, додека московскиот MOEX падна за 0,27 проценти на 2.559,78 поени.
Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones порасна за 1,18 проценти на 47.927,96 поени, вредноста на индексот S&P 500 за 0,21 процент на 6.846,61 поени, додека вредноста на индексот Nasdaq падна за 0,25 проценти на 23.468,30 поени.
Европските фјучерси за гас за декември беа продадени денес на отворањето на берзата TTF по цена од 31,3 евра за мегават-час.
Според моменталните податоци од берзата, цената на суровата нафта падна на 60.597 долари, а цената на нафтата од типот Брент на 64.742 долари.
Цената на златото се искачи на 4.128,93 долари за унца, а цената на пченицата падна на 5,3378 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).
Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,15865 долари, што е за 0,03 проценти повисока отколку на почетокот на тргувањето.











