Бесими: Антикризните мерки го ублажија падот на економијата којшто ќе беше над 7%

22

Антикризните мерки го амортизираа падот на економската активност, кој дојде како резултат на кризата предизвикана од Ковид-19. Доколку не се делуваше брзо преку јавната потрошувачка, економскиот пад за првите три квартала ќе беше за 1,2 процентни поени поголем, односно наместо 5,9% за првите три квартала, ќе беше околу 7,1%. Фокусот во економијата во наредниот период ќе биде пред сè заздравување, но и поставување на основи за забрзан и одржлив раст, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.

Министерот истакна дека целта, на долг рок, е преку забрзан но и одржлив раст, земјата да има економски резултати кои ќе одговараат на ЕУ просекот, односно тоа би значело развој и економски стандард кој би соодвествувал на оној на развиените економии.

Бесими посочи дека тоа може да се постигне преку спроведување на три платформи истовремено, односно Стратегија за заздравување и економски раст, политики за фискална консолидација и План за јавни инвестиции.

Министерот рече дека Стратегијата за заздравување и забрзан раст се темели на четири столба:  економско заздравување од Ковид-19, забрзан, одржлив и инклузивен раст, зголемување на конкурентноста и вмрежување во глобалните синџири на добавување и инвестирање во човечки капитал.

Првиот столб, Економско заздравување од Ковид-19 ги опфаќа приоритетите – заштита на здравјето на граѓаните и социјална заштита на најзагрозените категории од општеството и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места.

Вториот столб – Забрзан, инклузивен и одржлив економски раст се фокусира на добро управување, како владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите, фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност, локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина, зелена економија и дигитализација на економијата и јавните услуги, во чии рамки се предвидени различни мерки и активности.

Третиот столб – Зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор фокусот се однесува на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири на создавање на вредноста, подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството.

Во четвртиот столб – Развој на човечките ресурси и еднакви можности опфатени се развој на човечките ресурси (образование, наука и здравство), поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување, во чии рамки се предвидени различни мерки и активности.

Согласно ова, проекциите на среден рок се дека растот ќе се удвои во следниот петгодишен период и тоа 4,6% раст во 2022, 5,2% во 2023, 5,6% во 2024 и 5,9% во 2025 година. Во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно.

Во однос на политиките за фискална консолидација, посочи министерот, тие ќе се реализираат преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и реструктурирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит. Мерките кои ќе се преземат на приходната страна се пред се од аспект на намалување на сивата економија, јакнење на даночниот морал и стратегија со која ќе се оптимизира правичноста и функционалноста на даночниот систем. На расходната страна ќе се делува преку рационализирање и намалување на расходите, особено тековни, додека ќе се зголемува и уделот и ќе се подобрува реализацијата на капиталните расходи. Од аспект на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, фокусот ќе биде на оптимизирање на портфолиото и од аспект на трошокот и од аспект на одржливоста за рефинансирање.

Со спроведување на овие политики, постепено ќе се намалува буџетскиот дефицит со ниво под Мастришкиот критериум, посочи министерот за финансии на конференцијата. Согласно ова проектираниот дефицит за 2021 година е на ниво од 4,9% што е за 3,6 процентни поени пониско во однос на буџетскиот дефицит проектиран за оваа година, во 2022 е проектиран на -3,8%, во 2023 -3,2%, во 2024 -2,9% и во 2025 година -2%. Со фискалната консолидација одиме постепено, со цел да не го угушиме растот во посткризниот период.