Бесими- Боуман: Континурана поддршка на проекти за надминување на кризата и обезбедување развој

50

Европската банка за обнова и развој – ЕБОР дава континуираната поддршка на РС Македонија во реализација на тековните проекти, а таа поддршка ќе продолжи и во иднина во проекти од областа на зелената енергија, патната и железничка инфраструктура. Инвестициите ќе имаат клучна улога во наредниот период за постигнување економски раст. Енергетската криза особено покажа дека за нејзино надминување се значајни заеднички напори и инвестиции во енергетскиот сектор и обезбедување производство од домашни капацитети.

Тоа беше констатирано на средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими, со потпретседателот на ЕБОР за политика и партнерство, Марк Боуман, генералниот директор на финансиски институции на ЕБОР, Франсис Малиж и директорот на ЕБОР надлежен за Република Северна Македонија, Анди Аранитаси

Министерот за финансии на состанокот ја истакна активната и посветена поддршка на Европската банка за обнова на Владата на РС Македонија во унапредување на подготовката и имплементацијата на приоритетните проекти и изрази уверување дека успешната и долгорочна соработка помеѓу Министерството за финансии и ЕБОР ќе продолжи и понатаму.

Владата на РС Македонија презема значајни чекори за справување со влијанието од ценовната и енергетска криза. Во услови на енергетска криза, важно е обезбедување на енергенси од сопствени извори, односно проширување на капацитетите за производство на електрична енергија, а за таа цел добредојдена е поддршката од меѓународни институции, особено од ЕБОР. Пакетот мерки на Владата за поддршка на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите изнесува 400 милиони евра. За да се ублажи растот на цените на електричната и топлинската енергија, од Буџетот финансирани се 10,6 милијарди денари поддршка кон ЕСМ. За задржување на ликвидноста на компанијата ЕБОР понуди финансиска поддршка за ЕСМ во износ од 100 милиони евра, која е во постапка на обезбедување.

Со финансиска поддршка од ЕБОР во делот на енергетската инфраструктура, се изведуваат проекти за 10 мегаватна соларна фотоволтаични плантажа изградена на окното на стариот рудник со јаглен во Осломеј, 30 мегаватни соларни фотоволтаици во Битола, како и нова потстаница за електрична енергија во Охрид.

Исто така беше наведено дека природниот гас е клучен за економски развој на нашата земја и дека е потребна поддршка за затворање на финансиската конструкција за прекуграничната гасна интерконекција со Грција за која веќе се обезбедени 25 милиони евра од ЕИБ и 12 милиони евра грант од ВБИФ. Инвестицијата се проценува на 53 милиони евра. Со ЕБОР се работи и на изградбата на гасоводот од Свети Николе-Велес и Гостивар-Кичево.

На средбата беше истакнато дека РС Македонија ја цени поддршката на ЕБОР за рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, последна делница Крива Паланка – Граница со Бугарија. Овој проект е еден од најголемите приоритети на Владата, имајќи предвид дека е значаен сегмент од неодамнешните разговори со бугарската страна. За реализација на овој стратешки проект наменети се 152,45 милиони евра од грантот од ВБИФ.и 60 милиони евра од ИПА, а остатокот до 400 милиони евра ќе биде обезбеден со заеми од ЕБОР и ЕИБ.

Исто така, во рамки на Коридорот 8 беше истакнато и значењето на проектот за изградба на железничката пруга Кичево-граница со Албанија, за што се бараат финансиски средства. Додека значајна е поддршката на ЕБОР и во изградбата на автопатот Скопје-Блаце за кој се очекува формално одобрување од страна на ЕБОР во јуни годинава

Министерството за финансии и Владата имаат амбициозна цел да го поддржат закрепнувањето на економијата и забрзување на растот. Заложбите се насочени кон постигнување стапки на раст над 5 %.  Планот за забрзување на растот во таа насока нуди координирана поддршка за поттикнување на инвестициите на јавниот и приватниот сектор во утврдените  приоритетни области, како и  извори на финансирање

ЕБОР е главен институционален инвеститор во РС Македонија и во изминативе 30 години има инвестирано над 2.2 милијарди евра во 159 проекти во земјата.