Бесими: Фискална консолидација  и заштеди е начинот за справување со кризата која ќе ја чувствуваме и во наредната година

66

Македонската економија во 2023 година не се очекува да влезе во рецесија, иако како и во земјите во Европа и кај нас проекциите за растот се ревидираат надолу. Ефектите од кризата се уште ќе бидат присутни,  а клучното за излез од оваа криза, не само кај нас, туку и на глобално ниво, е да се штеди и тоа на сите ниво и од страна на секого. Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување на 24 Анализа на Тв 24, во кое потенцира дека со донесениот План за фискална одржливост и економски раст, ќе се штеди на расходите, но дека нема да има намалување на платите на вработените.

„Влијанието од енергетската криза и цените ќе продолжи и во наредната година. Треба да бидеме реални во однос на состојбата и да не создаваме нереални очекувања и дека тоа брзо ќе помине. Ефектите  ќе се чувствуваат, но и покрај тоа и наредната година планираме раст од 2,9 %, но она што е важно е да се подготвиме за период во кој дефинитивно покрај потребите што ќе се појават за да се справиме со кризата, ќе треба и да заштедиме”, истакна министерот Бесими.

Тој додаде дека штедењето може значајно да ја промени ситуацијата и дека првата реакција со која треба да се настапи е фискална консолидација или намалување на трошоците во јавниот сектор, со што ќе се  намали притисокот врз каматите што дополнително влијае и на економскиот раст.

„Веќе се донесени мерки за заштеда. Владата го усвои Планот за фискална одржливост кој содржи мерки и препораки за консолидација на расходите, но веќе не се само препораки, туку и конкретно има заштеди. Сите се свесни за состојбата. Во Владата се разговара и најголем дел од министрите доаѓаат и со нивни предлози и проценки. Веќе беше објавено дека има заштеди на електричната енергија од 20 %, а на пример ние во Министерството за финансии сме направиле заштеда од околу 30 %”, рече Бесими.

Во однос на препораките и мерките за заштеда на расходите за плати од Планот, министерот појасни дека не нема да има намалување на плати.

„Институциите согласно мерките и препораките сами ќе направат проценка како ќе ги применат и ќе направат предлог. Ниту ниту јас, ниту некој кажал дека ќе се намалат платите на вработените во јавниот сектор. . Напротив, ние работиме на решение со кое ќе растат платите во јавниот сектор. и се очекува методологијата да биде завршена до крајот на годината”, рече министерот, кој додаде дека треба да се разгледаат оние плати во системот кој прават дисторзии. 

Министерот потенцира дека треба да се даде јасен сигнал на намалување на трошоците и од аспект на тоа да не се разгори инфлаторната спирала. „Со право реагираат работниците дека ако растат цените да се зголемат и платите, меѓутоа тој циклус ако се зголемат палтите, ќе се зголемат трошоците на фирмите, ќе се зголемат цените и таа спирала може да носи само до хиперинфлација, што не смее да се дозволи”, рече министерот.

Во интервјуто се осврна и на финансирањето на буџетскиот дефицит за годинава, наведувајќи дека тоа и во услови на криза е направено со што се заштедени 40 милиони евра годишно и дека во оваа насока е и претстојната посета на Абу Даби за обезбедување финансирање на буџетот, како и на проекти од инфраструктурата и други развојни проеки.