Бесими на форумот на „Еуромани“: Спроведуваме одговорен пристап за надминување на кризата

40

Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска во Виена учествува на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Еуромани“. Форумот се смета за најважен собир за учесниците на финансискиот пазар заинтересирани за регионот на Централна и Источна Европа и на едно место обединува министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на големи банкарски групации, инвестициски фондови, меѓународни финансиски институции,  регионални групации. претставници од осигурителниот сектор.

Министерот на Форумот се осврна на политиките што ги презема Владата за надминување на кризата, како и напорите што земјата ги прави за да создаде поволно деловно опкружување.

„Одржувањето контакти со инвеститорите во овие времиња е од клучно значаење. Со цел да ја зајакнеме нашата конкурентност за привлекување инвеститори, нашите напори се насочени кон одржување на нашето деловно опкружување што е можно поповолно. Тоа не значи дека се потпираме  само на конкуретноста во однос на нивоата на платите. Напротив, продолжуваме да се фокусираме на подобрување на инфраструктурата, доброто владеење и особено човечкиот капитал преку модернизација на образовниот систем. Во постојното опкружување, во кое енергетската криза го попречува растот, планираме да ги зголемиме инвестициите во обновливите извори на енергија. Заедно со започнатите структурни реформи, создаваме можности за продолжување на соработката не само со сегашните, туку и со потенцијалните странски инвеститори“, рече министерот.

Тој потенцира дека нашиот пристап во привлекување инвестиции е изменет и тој е насочен кон инвестиции и инвеститори кои носат поголема додадена вредност. Исправноста на овој пристап веќе ги покажува резултатите преку постигнатите договори за нови инвестиции во износ од 200 милиони евра само во 2021 година, што е околу 20 % од целокупното инвестициско портфолио во ТИРЗ во периодот 2010-2020 година. Во послдните 18 месеци се зголемува бројот на потенцијални инвеститори кои пристапуваат до Дирекцијата за ТИРЗ, но исто така забележително е и проширување на капацитетите од страна на постојните инвеститори.

Новиот пристап подразбира и реструктуирање на постојното портфолио, со што фокусот е кон фармацевтското производство, енергијата, транспорт, како и инвестиции  со значителен потенцијал за раст. Нашата географска положба, конкурентното ниво на плати и квалификуваната работна сила се предностите што може да влијаат врз инвеститорите да го пренесат своето производство во нашата земја.

ЕУ е наш главен трговски партнер и повеќето од странски директни инвестиции доаѓаат од Европа. Во овој контекст интеграцијата на РС Македонија и целиот Западен Балкан е од примарен политичко-безбедносен и геостратешки интерес за регионот и ЕУ. Нашата земја е посветена на својата ЕУ-агенда и само ЕУ со сите земји од овој регион ќе биде силна, издржлива, безбедна и просперитетна.

Форумот на Централна и Источна Европа над 25 години на едно место ги обединува издавачите, инвеститорите, посредниците и креаторите на политики од Централна и Источна Европа и пошриоко, со цел за да се поврзат, да добијат корисни сознанија и да помогнат во поставувањето на агендата за годината што претстои.